Македонија

Џафери од Атина: И покрај сиот вложен труд во воспоставувањето на добрососедски односи, Македонија се уште е во очекување на првата меѓу-владина конференција со ЕУ

Џафери од Атина: И покрај сиот вложен труд во воспоставувањето на добрососедски односи, Македонија се уште е во очекување на првата меѓу-владина конференција со ЕУ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери денеска се обрати на деветтата пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Атина.

Во продолжение интегрален текст:

„Драго ми е што можам да го поздравам овој почитуван форум во име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, и да изразам задоволство што Парламентарното собрание на Просецот за соработка во Југоисточна Европа, продолжува да биде автентичниот глас на регионот и форумот во кој се одвива политичкиот и дипломатскиот дијалог помеѓу земјите членки на ова Собрание. Ова е местото каде што правиме напори да градиме добрососедски односи помеѓу нас и да соработуваме, затоа што со тоа се зацврстува стабилноста и безбедноста на регионот, кои се основните постулати на основачката Повелба на Процесот од Букурешт. А тие се во моментов загрозени повеќе од кога било, и затоа овој денешен наш собир е повеќе од добредојден. Верувам дека ќе имаме плодна дискусија.

Со оглед на тоа што нашата денешна тема ги опфаќа целите на одржливиот развој, конкретно сигурноста за енергетското снабдување и земјоделските ланци и влијанието на кризата врз нив во Југоисточна Европа, сакам да ве известам дека Република Северна Македонија, е една од 193 земји кои и официјално ги усвоија Целите на одржливиот развој од Агендата 2030 за одржлив развој, која што беше усвоена на Генералното собрание на Обединетите нации во септември 2015 година. Агендата претставува збир од 17 сеопфатни цели за одржлив развој, придружени со 169 специфични цели, чија крајна цел е искоренување на сиромаштијата, крај на нееднаквоста, градење мир и справување со климатските промени до 2030 година, притоа осигурувајќи дека никој нема да биде изоставен. Како резултат на тоа, во јули 2020 година го презентиравме и нашиот Доброволен национален преглед пред Високиот политички форум за одржлив развој. Пристапувањето беше поддржано од нашите национални институции, при тоа и од законодавниот дом, кој има клучна улога во поглед на вградувањето на целите на одржливиот развој во националното законодавство. Донесувањето на национални закони кои ќе реагираат и ќе се усогласуваат со приоритетите за развој на нашата земја и следењето на нивното спроведување, усвојувањето на националниот буџет, исто така има огромен удел во исполнувањето на тие цели. Затоа, верувам дека нема потреба од дополнително потенцирање на улогата на парламентите како законодавна власт и на важноста од меѓусебна, регионална, интерпарламентарна соработка во насока на постигнување на цврста стабилност, напредок и благосостојба во Југоисточна Европа.

Јас сум голем поборник на парламентарната дипломатија, затоа што сметам дека како пратеници сме во подобра позиција да ги артикулираме аспирациите на нашите граѓани и да истакнеме што им е навистина важно. Мораме секогаш да имаме на ум дека како нивни претставници, заедно со извршната власт, имаме одговорност за националниот напредок кон постигнување на целите на одржливиот развој. Свесни сме дека во моментов сме насред глобална криза од неодамнешните предизвици на главните аспекти во секојдневниот живот, меѓутоа, и на тоа дека постојат современи закани за човековите права. Тоа е мотив плус да соработуваме уште поинтензивно. Да се консултираме, да размениме мислења и искуства за поефективно постигнување на целите на одржливиот развој, меѓутоа да внесеме и иновации и техничка поддршка за неоптоварен промет на есенцијалните земјоделско – прехранбени продукти, со употреба на постојните регионални платформи, како и механизмите на Европската унија.

Сепак,  морам со жалење да потсетам дека Република Северна Македонија, и покрај сиот вложен труд во воспоставувањето на добрососедски односи и почитување на основните принципи на меѓународното право и поредок – како што е утврдено во Повелбата на Обединетите нации, се уште е во очекување на првата меѓу-владина конференција со Европската унија. Тоа што го очекуваме од ова Парламентарно собрание е да продолжи да дава поддршка во согласност со правото и вредностите на Европската унија, на кои и се заснова. Затоа што, само заедно, солидарно и на еднакво рамниште ќе можеме да се справиме со сите предизвици кои ги предизвикуваат ефектите што климатските промени ги носат во различните сфери од животот, меѓу кои предничат и безбедноста на снабдувањето со енергија и земјоделско – прехранбениот синџир. Ние не можеме да бидеме ниту слепи, ниту имуни на тие закани. Глобалните, регионалните и националните трендови што се појавуваат, влијаат и врз развојот на Северна Македонија. Јас не сакам да звучам песимистички, меѓутоа, предвидувањата се дека енергетската и прехранбената криза нема да се намалат, туку напротив, ќе се зголемат. Ние мораме да бидеме подготвени заеднички, координирано и со што помалку штети да ги надминеме тие предизвици. Затоа, синергијата што се воспоставува на овој форум и на сите други меѓународни форуми е од суштинска важност за развој и благосостојба на државите и нашите граѓани.

На крај, сакам да се заблагодарам на домаќините, на Парламентот на Република Грција за успешната организација на оваа конференција, со верба дека заеднички и консензуално ќе ја усвоиме и Декларацијата. Покрај тоа, ве охрабрувам, конечно да постигнеме договор и околу Секретаријатот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни