Џафери се сретна со принцот Карел Шварценберг

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, се сретна со принцот Карел Шварценберг, заменик-претседател на Комисијата за надворешна политика. На средбата присуствуваше и Јан Липавски, заменик-претседател на Комисијата за одбрана во Домот на пратеници во Парламентот на Чешката Република и пратеници членови на Комисијата.

Принцот Шварценберг го поздрави започнувањето на процесот на уставните измени. Тој истакна дека секогаш го оценувал спорот меѓу двете земји како крајно бесмислен, кој само го отежнува процесот на стабилизација на регионот.

За Република Македонија тоа значеше застој од речиси три децении, време кое неповратно помина, но сегашните позитивни поместувања даваат надеж дека ќе се направи силен исчекор во евроатлантската интеграција. Чешката Република силно ги поддржува аспирациите на Република Македонија да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО, место кое природно ѝ припаѓа.

Во рамките на официјалната посетата, претседателот .Џафери оствари и протоколарни средби со Војтех Филип, заменик-спикер на Домот на пратеници на Парламентот на Чешката Република и со Милан Штех, претседател на Сенатот на Парламентот на Чешката Република, на кои беа разменети мислења за политичката состојба во двете држави и за начините за унапредување на билатералната соработка.