Џоди Фостер се плашела од Ентони Хопкинс како Ханибал

Актерката Џоди Фостер за списанието „ОК“ отворено разговараше за својот страв од Ентони Хопкинс како убиецот-канибал, односно д-р Ханибал Лектор.

Имено, се работи за улогата во филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“, кој е објавен во 1991 година, а во главните улоги се Фостер и Хопкинс.

И двајцата пред 30 години добија „Оскари“ за главната улога, покрај статуетките за најдобар филм, режисер (Џонатан Дем) и адаптирано сценарио (Тед Тали).

Филмот се заснова на истоимениот роман на Томас Харис.

Џоди ја глуми новата вработена на ФБИ, Кларис Старлинг, додека пак сер Ентони Хопкинс е затворениот убиец Ханибал Лектор, кој ѝ помага да фати друг сериски убиец, по име Бафало Бил (Тед Левин).

Актерката признава дека искрено се плашела од Ентони поради неговата глума како Лектор, па дури откако завршило снимањето, собрала храброст да разговара со него.

„Тој е исклучителен актер и прекрасна личност. Првпат го сретнав кога го читавме сценариото околу маса. Почна да чита и одеднаш се почувствував многу исплашена!“, вели Фостер.

„Кога јагнињата ќе стивнат“ на Џоди ѝ го донесе вториот „Оскар“ од четирите номинации за најдобра женска улога, по одличјето за улогата на преживеана по силување во драмата „Обвинетите“ од 1988 година.