Се појавија првите дилеми за Законот за употреба на јазиците. Два члена од законот ќе бидат испратени до Венецијанската комисија за проценка. Вицепремиерот, Бујар Османи, вели дека станува збор за двојазичноста на униформите на војската и банкнотите.
-До Венециската комисија ќе се испратат двата члена од Законот кои се повлечени од сегашниот закон. Тоа е употребата на двојазичноста на униформите на војската и банкнотите, кои беа оспорени од политичките партии, дали се уставни или не. Овие две одредби од законот ќе бидат испратени до Венецијанската комисија за проценка – рече Османи.
Во записникот од 20-тата владина седница, на која беше усвоен предлог-законот за употреба на јазиците, се вели дека предлог-законот ќе биде испратен за консултации во Венецијанската комисија.
Владата заклучи Министерството за правда преку Министерството за надворешни работи да побара мислење од Венецијанската комисија за текстот на законот и отворените прашања кои не се дел од овој закон, по усвојувањето на законот од страна на Собранието на Република Македонија
На координативната средба со претставниците на повеќе ресори и институции не присуствуваше вицепремиерот, Хазби Лика, иако учествуваше во составувањето на овој закон.
-Се заокружува легислативниот дел на Рамковниот договор за законите кои произлегуваат од уставните амандмани, кои се дел од Уставот од 2001 година. Г. Лика учествуваше во составувањето на овој закон. Сега во оваа меѓуинституционална група учествуваат многу министерства, парламентот и претставници од Министерството за правда, а во неа се опфатени и судството, судовите, обвинителството, бидејќи тоа е комплексен процес и сите страни треба да бидат вклучени во процесот – вели Османи.
Планот за имплементација на Законот за употреба на јазиците, треба да биде разгледан на првата владина седница.
Репортер: Зимер Јашари
