Македонија

Димитриеска-Кочоска: Министерството за финансии немало никакво учество во преземањето на АЛТА банка

Димитриеска-Кочоска: Министерството за финансии немало никакво учество во преземањето на АЛТА банка

Министерството за финансии не учествувало во процесот на преземање на АЛТА банка Битола, ниту помогнало при продажбата и стекнувањето мнозински пакет акции од страна на српската АЛТА банка. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на собраниската надзорна расправа посветена на воведувањето администрација во банката и институционалната одговорност.

Таа нагласи дека постапката за преземање се одвивала преку надлежните регулаторни институции, пред сè Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, додека Министерството за финансии немало законски овластувања да интервенира во процесот.

Димитриеска-Кочоска ги презентираше хронолошки чекорите што довеле до промената на сопственоста на банката. Според неа, на 1 септември Народната банка дала претходна согласност за стекнување квалификувано учество, што значи дека дотогаш биле завршени проверките во рамките на нејзините надлежности.

На 10 септември, како што посочи министерката, Комисијата за хартии од вредност издала дозвола за објавување јавна понуда за преземање, која заедно со проспектот била објавена на 11 септември.

Во понудата бил утврден рок до 10 октомври во кој заинтересираните акционери можеле да ги продадат своите акции. На 19 септември во „Службен весник“ била објавена информација дека купувачот се стекнал со повеќе од 74 проценти од сопственоста, надминувајќи го тогаш утврдениот праг на успешност од 70 проценти.

„Министерството за финансии апсолутно немало никакво учество при преземањето на банката, ниту сме помогнале да се случи продажбата и сопственикот да се стекне со мнозинскиот пакет“, истакна Димитриеска-Кочоска.

Таа се осврна и на владината седница од 23 септември, на која, според неа, се дискутирало за тоа дали државни институции поседуваат акции во банката. Министерката посочи дека Министерството за финансии ги добило информациите за завршената трансакција од објавата во „Службен весник“, по што започнале постапки за утврдување на евентуалната државна сопственост.

Во однос на тогашниот изборен период, Димитриеска-Кочоска рече дека на владината седница било посочено дека треба да се има предвид ограничувањето за продажба на државен имот во тој период.

Министерката повтори дека Министерството за финансии нема надлежност да одобрува преземање на банки, да врши супервизија или да контролира банкарско работење. Неговата улога, како што објасни, е поврзана со подготовка и предлагање законска регулатива, додека надзорот над банкарскиот сектор е во исклучива надлежност на Народната банка.

Случајот со АЛТА банка Битола е предмет на собраниска расправа по воведувањето привремена администрација, а пратениците ги разгледуваат постапките на институциите и нивната одговорност во процесот на преземање и подоцнежните случувања.

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни