Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска уверува дека состојбите во Алта банка АД Битола не претставуваат закана за финансиската стабилност на државата. Таа на денешната надзорна расправа во Собранието посочи дека изложеноста на јавните институции кон банката е минимална, а буџетските средства се заштитени преку системот на Трезорот.
Димитриеска-Кочоска објасни дека буџетските корисници, согласно законските прописи, немаат можност да отвораат сметки во комерцијалните банки, туку сите средства ги чуваат и ги реализираат преку Трезорот.
Во однос на јавните претпријатија и акционерските друштва на централно ниво, министерката информираше дека, според досега добиените податоци, само едно претпријатие има сметка во Алта банка, но и во овој случај, како што нагласи, не постои ризик.
„Сакам јасно да порачам дека нема ризик за финансиската стабилност на државата. Буџетските корисници немаат сметки во комерцијалните банки, туку средствата ги чуваат и реализираат преку Трезорот. Кај јавните претпријатија и акционерските друштва, според досега добиените информации, изложеноста е минимална“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа потсети дека надзорот и супервизијата над банкарското работење се во исклучива надлежност на Народната банка, додека Министерството за финансии е надлежно за подготовка на законската регулатива.
Одговарајќи на прашањата за евентуално влијание на Министерството врз постапката поврзана со банката, Димитриеска-Кочоска рече дека таква можност немало, бидејќи процесот е законски утврден и е во надлежност на независната Народна банка.
Министерката нагласи и дека Министерството за финансии немало никаква улога во стекнувањето на сопственоста врз Алта банка, посочувајќи дека сопственичкиот удел бил преземен преку купопродажба на акции и јавен оглас.