Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски за ТВ21 истакна дека имало обид за негова дискредитација во јавноста со цел да се уништи неговиот личен интегритет, но верува дека во институциите има и професионалци кои ќе го дадат својот одговор.
„Нема да го коментирам одговорот на ОЈО тој веќе е објавен во јавност, но на самиот почеток знаев дека се работи за кривична пријава која не е издржана, инаку јас сум одговорен човек и подготвен сум да понесам било каква одговорност за моите постапки, но во овој случај некој сакаше да наштети директно и на тој начин можеби да направи политички реваншизам“, посочи Димитриевски.
Тој порачува дека постапката која планира да ја спроведе во следниот период ќе го потврди тоа, доколку истата ја сработат реални и вистински професионалци во системот, а со тоа конечно ќе се стаи крај на монтираните процеси.
„Замислете постапка се спроведува, вие сте осомничени со налози, а никој не ве повикува да дадете било каков исказ, туку одеднаш поднесуваат кривична пријава. Од луѓе коишто директно работат во Министерството за внатрешни работи, самите во внатрешна постапка, а и по спроведување на пријавата од моја страна до внатрешна контрола на МВР, самата контрола ќе покаже кој, зошто и по чија нарачка тоа има изготвено кривична пријава која што е основано неиздржана“, појаснува Димитриевски
Тој порача дека во делот на внатрешните политички недоразбирања, препукувања или евентуални монтажи ќе се разговара на повисоки партиски органи во рамки на партијата, а по потреба и на суд.
„Согласно сето она кое беше изнесено во јавноста мојот адвокатски тим веќе работи на изготвување на кривична пријава против директорот на ДЗСИ г-ѓа Бухова Сотирова“, откри Димитриевски.
.