Министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за МИА, говори за последните случувања и односите меѓу Македонија и Грција, Договорот од Преспа, за кој вели дека е најдоброто за Македонија.
На прашањето какво е чувството денеска, неколку месеци по потписот на Договорот со Грција, тој одговори:
„Без помпи, без триумфализам, туку едно мирно, сигурно достоинство и со чиста совест го извлековме најдоброто за Македонија. Во дадените околности апсолутно го постигнавме најдоброто што беше можно. Имаше мигови на длабоко и тешко преиспитување, консултирање, но самиот ден на потпишување на Договорот сите дилеми беа исчезнати“, вели Димитров.
Димитров призна дека размислува за нацрт за идна книга, за сите овие случувања да не се заборават.
„Сериозно почнав да размислувам за скицирање на нацрт на една книга, запис кој ќе остане совевидно сведоштво за овој важен процес. Да не се заборави. Само треба да се најде време“, дополни Димитров.
На прашањето дали смета дека до крај ќе се истуркаат измените во Уставот, Димитров одговори:
„Жалам што раководството на опозицијата одлучи активно да не учествува во референдумот зацртан во нивната партиска програма. Со тоа одговорноста се префрли во Собранието создавајќи дополнителен предизвик и обврска при обезбедување поддршка на Договорот. Моментот е историски, и бара голема мудрост и одговорност и визија од сите чинители на процесот“, вели Димитров.
