„Нема промени во заедничката историска комисија со Република Северна Македонија на бугарска страна. Луѓето кои повеќе не се во комисијата за ПКМ си заминаа доброволно и не се сменети. Чудно е да се бараат промени каде одлуките ги носи само земјата која ги предложила релевантните претставници. Ви благодариме за добрата оценка на нашиот дел од работата на Мешовитиот комитет. Комисијата е научно тело, таа одлучува како треба да работи“.
Ова за БНТ го изјави проф. Ангел Димитров, копретседател на Заедничката историска комисија со РС Македонија.
„Како одговор на новата енергија што се внесува во билатералните односи, предвидовме поголема динамика во нашата работа. Закажавме 3 средби до средината на мај. Ова зголемување на ритамот не е нешто ново, од бугарска страна комисијата сакаше да има уште многу состаноци низ годините за да има резултати“, додаде проф. Димитров.
Тој вели дека на почетокот оваа нивна желба била опишувана како политички притисок, но сега веќе има желба од другата страна.
Димитров додава дека првата средба годинава е на крајот на февруари.
„Нема притисок врз комисијата. Имаме искуство, знаеме што да очекуваме и пристапуваме со внимание и реализам, без посебни очекувања. Ние сме во средниот век, уште сме на предметот што се учи во основно училиште, се уште не сме стигнале до она што се учи во средно, а работиме 3 и пол години. Сето тоа е поради неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја, а тоа започна во средниот век, тоа се должи на блокирањето на нормалниот ритам на комисијата“, рече проф. Димитров.
Тој додава дека инсистирал повторно да се отвори разговорот за Гоце Делчев.
„За жал нашата средба ќе биде по 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Не очекувам ништо што ќе предизвика голем ентузијазам во работата на комисијата“, додаде тој.