Исклучително важно е што Европската комисија зазеде принципиелен став во однос на прашањето на македонскиот јазик, кој во европските институции последен пат е спомнат во 2005 година на нашата апликација и одговорот на прашалникот, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров. Ваквиот став на Димитров доаѓа само еден ден по утврдувањето на преговарачката рамка каде се официјализираше и македонскиот јазик.
„Меѓу државите не се признаваат јазиците, се признаваат држави, во смисла на меѓународното право. Нас не ни треба признавање или печат од било која друга држава во однос на македонскиот јазик. Меѓутоа ние инсистираме на прифаќање – потврдување на нашето право на самоопределување што е неспорно“, истакна Никола Димитров.
Во врска со неодамнешните објавени документи во дел од грчкиот печат дека ќе се проблематизира МКД и МК кодот, Димитров истакна дека тоа е дел од балансот на Преспанскиот договор.
„Параграфи за кодот кој што е МКД или МК за сите потреби, освен, има само еден исклучок, за регистарските таблички на автомобилите, таа одредба практично не остава простор за поинакво толкување. Мојата оценка е дека Преспанскиот договор во голем дел, особено за крупните нешта се спроведува, овие работи каде што има можеби некаков застој бараат да се седне и да се разговара“, посочи Димитров.
Димитров заедно со министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми го претставија проектот ЕУ за Преспа како и Преспа форумот за дијалог чија цел е заживување на Преспанскиот регион како и организирање меѓународни дијалози кои би се одржувале секој 17 јуни на денот на потпишувањето на Преспанскиот договор.
.