Македонскиот дипломат Миле Миленкоски, кој е во екстрадициски притвор во Врање, Србија до редакцијата на Слободен печат испратил писмо со кое бара тој да биде екстрадиран во Македонија и тука да му се суди, иако вели дека според увидто кој тој го направил до доказите, нема никаква одговорност.
Од страна на Судот ми беа доставени доказите од Ерменија. Во нив нема ништо што би укажувало на моја вина, ниту пак може да има. Копија од доказите е доставена до надлежните институции во РСМ. Верувам дека РСМ е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ. Притоа, РСМ би побарала од Република Србија да бидам префрлен во РСМ. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов, пишува Миленкоски.
Во меѓувреме, по барањето за екстрадикција на Миленкоски во Ерменија идната недела треба да одлучува Апелацискиот суд во Ниш, откако овластен адвокат од Врање го обжалил решението на Вишиот суд во Врање од 22 септември, како причина наведувајќи го „погрешното и непотполно утврдување на фактичката состојба“ во пресудата, како и поради битни повреди на кривичната постапка и погрешната примена на материјалното право.
Овој скандал се откри дури годинава, откако српските власти на 27 август го притвориле македонскиот дипломат Миле Миленкоски. Тогаш се објавија и неофицијални информации дека при тоа бегство од Ерменија бил извлечен и ерменскиот дипломат Левон Саркисјан, кој исто така бил осомничен, а подоцна и обвинет за корупција и перење пари, во истите афери во кои бил вмешан и Димитријевиќ.