За седум дена, директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски ќе одлучи дали ќе изрече дисциплинска мерка за просветниот инспектор, Ѓорѓи Илиевски. Одлуката е донесена на седницата која ја одржа Дисциплинската комисија. Според инспекторатот, Илиевски го прекршил етичкиот кодекс изнесувајќи во јавноста информации за истрага која се уште не е завршена. Новинарите чекаа надвор околу 4 часа колку што траеше седницата. Комисијата не им дозволи присуство, а освен тоа, новинарите беа избркани и од зградата на Нова Македонија, каде што се наоѓа Инспекторатот.
Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски на излегување од седницата се прекрсти. Според него, дисциплинската мерка подразбира бркање од работа, а доколку се случи тоа, тој ќе поднесе кривична пријава против Државниот просветен инспекторат. Вели дека оваа мерка е резултат на неговата транспарентност кон институциите и медиумите.
На седницата учествуваше и Народниот правобранител и претставници на Хелсиншкиот комитет. Инаку Илиевски рече дека второстепената инспекциска комисија, констатирала дека нема прекршување во случајот со унапредувањето на министерот за образование, Арбр Адеми, заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу и директорот на Заводот за индустриска сопственост, Сафет Емрули. Со ова, предметот се враќа на повторно разгледување во Инспекторатот за образование. Предметот ќе му се додели повторно на Илиевски или на некој друг инспектор.
РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ