Дизни и Скарлет Јохансон се спогодија околу „Црната вдовица“

Познатата актерка Скарлет Јохансон и компанијата „Волт Дизни“ се спогодија околу судскиот спор за дистрибуцијата на филмот на „Марвел“ – „Црната вдовица“, но засега не се откриваат подробноси од договорот.

Имено, актерката ја тужеше компанијата поради прекршување на договорот со објавување на платформата „Дизни плус“, додека филмот се емитуваше и во кината.

Според неа, оваа одлука ја лишува од можна заработка.

„Многу сум задоволен што успеавме да постигнеме заеднички договор со Скарлет Јохансон за спорот околу „Црната вдовица“. Го цениме нејзиниот придонес во кино-универзумот „Марвел“ и со нетрпение очекуваме да работиме заедно на уште многу претстојни проекти, вклучувајќи ја и „Кулата на теророт“ (Tower of Terror)“, порача Алан Бергман, претставник на „Дизни“.

Актерката исто така е задоволна што се решени разликите и се радува на понатамошна соработка.

„Многу сум горда на работата што ја правевме заедно во текот на годиниве и многу сум среќна со мојот креативен однос со тимот на компанијата“, порача Скарлет во своето соопштение.