Лицата кои се без работа и имаат идеја за сопствен бизнис повторно добиваат можност да обезбедат финансиска поддршка за реализација на своите планови. Објавен е јавниот оглас за програмата „Самовработување“ за 2026 година, преку која невработените можат да добијат неповратни средства за отворање сопствена компанија.
Пријавувањето е веќе започнато и ќе трае до 3 јули во подрачните центри на Агенцијата за вработување. Програмата има за цел да го поттикне претприемништвото и отворањето нови работни места преку поддршка на лица кои располагаат со одржлива деловна идеја.
Највисока финансиска поддршка е предвидена за младите до 29 години, кои можат да добијат грант до 10.000 евра. За останатите невработени лица обезбедени се средства до 7.000 евра за започнување сопствен бизнис.
Средствата од грантот не се наменети за тековни трошоци или лични исплати, туку исклучиво за набавка на опрема, алати и материјали предвидени во бизнис-планот. Со тоа се обезбедува поддршката директно да се искористи за воспоставување и развој на новата дејност.
Програмата нуди можност и за здружување на двајца невработени кои сакаат заеднички да основаат компанија, при што секој од нив има право на финансиска поддршка согласно утврдените услови.
За сите кандидати е задолжително посетување обука за претприемништво и подготовка на бизнис-план, а дел од новите претприемачи ќе добијат и менторска помош во првите шест месеци од работењето.
Од програмата се исклучени лицата кои веќе користеле ваков вид поддршка, како и одредени дејности меѓу кои класичното земјоделство, такси-превозот, производството на оружје, игрите на среќа и финансиските услуги.
Заинтересираните кандидати можат да ги поднесат своите апликации во центрите за вработување низ државата најдоцна до 3 јули.