Археолозите открија докази за најстарата човечка населба на европско езеро на албанската страна од Охридското Езеро, за која се верува дека е стара до осум илјади години.
Група научници од Швајцарија и Албанија секој ден поминуваат по три часа под вода, макотрпно отстранувајќи дрвени столбови на кои биле потпрени куќите, јави Ројтерс. Во населбата се пронајдени коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со прецизни резби.
Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн посочи дека иако слични населби се пронајдени во алпскиот и медитеранскиот регион, населбата во Лин, Албанија, е половина милениум постара, датирајќи од пред шест до осум илјади години.
„Органскиот материјал е извонредно зачуван поради потопената средина, што ни овозможува да ја изучуваме исхраната и земјоделските активности на тогашните жители“, изјави Хафнер.
Истражувањата покажуваат дека Охридското Езеро, лоцирано на границата меѓу Албанија и Македонија, е најстарото езеро во Европа со возраст поголема од еден милион години.
Староста на наодите е одредена со радиоизотопско датирање и дендрохронологија, која ги брои годишните прстени на дрвјата. На локацијата се собрале повеќе од илјада примероци дрво. Населбата, која можеби ја населувале неколку стотици луѓе, се протега на околу шест хектари, а досега, по шест години истражување, е ископан само околу еден процент од целокупниот материјал.