Остануваат да се реализираат најавите на премиерот Димитар Ковачевски за отворање на македонски културен центар во Бугарија.
Од Владата велат дека во моментов се прецизираат деталите.
„Како што веќе најавивме, Владата на Северна Македонија до крајот на годинава има намера да отвори нов културен центар во Благоевград, Република Бугарија.
Напоменуваме дека во консултации со Институтот за национална историја, ќе го избереме името на културниот центар. Во меѓувреме ќе се прецизираат деталите, и за сите одлуки јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Владата на прашање од ТВ21.
Инаку во април годинава, за време на пратенички прашања во Собранието, премиерот Димитар Ковачевски рече дека до крајот на годинава ќе се отвори македонски културен центар во Бугарија, а за името ќе бидат консултирани Институциите.