Додик: Разговорот со Путин е еден од најуспешните досега – Русија го брани Дејтонскиот договор од САД

Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска изјави дека разговорот со рускиот претседател Владимир Путин бил еден од најуспешните досега и оти дошол до заклучок дека „Русија го брани Дејтонскиот договор од Америка“.

Продолжуваме да соработуваме на сите полиња. Русија е подготвена да продолжи со испораките, пред се гасот. Ќе имаме и одредени нови рамки на соработка, кои ќе бидат познати во наредниот период. Путин се залага за зачувување на стабилноста и мирот и овде и во регионот, изјави Додик, пренесува РТРС.

Се вчитува...

Додик изјави дека една од темите е тоа што во БиХ има „неизбран странец“, што Путин веќе го знаел и изјавил дека тоа е неприфатлива практика.

Според него, Русија многу го цени тоа што РС не дозволува воведување санкции против Москва.

Рековме дека не сакаме наше членство во НАТО и тоа не е работа на Путин, тоа е наша работа. Затоа што не ги гледаме придобивките што би можеле да ги добиеме од тоа. Го охрабривме и Путин нивните компании да продолжат да работат и да инвестираат, објави Додик.

Многумина, посочи тој, сакаат да го сокријат фактот дека Русија беше најголемиот инвеститор во Босна и Херцеговина минатата година.

Кога станува збор за средбата со претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, Додик рече дека РС има пријатели во таа земја и „не е завиткана во бодликава жица како што некои се обидуваат да претстават“.

Додик најави дека во следните четири месеци двапати ќе ја посети Русија, односно во април ќе учествува на безбедносната конференција во Санкт Петербург, а во јуни ќе се одржи и Економскиот форум.