Откако помина година и пол во притвор, обвинетиот Горан Ангеловски – Ќосето, на јавното рочиште во Апелациониот суд, побара да му се укине мерката притвор, во замена на одземање на патната исправа, но не за да се брани од слобода, туку да остане во куќен притвор.
Адвокатот Драган Пешевски, пред второстепениот суд нагласи дека опасност за негово бегство нема, а посочи и дека Ангеловски нема ниту финансии, ниту пак намера да побегне од Македонија.
„Горанче е човек во средни години и тој повеќе од една година е во притвор. Мојот клиент не презел ништо на 27 април минатата година, туку само влегол во Собранието. Еве ви ја и неговата патна исправа како доказ дека нема да бега и ние би биле задоволни и со мерка куќен притвор“, изјави Драги Пешевски – адвокат.
И обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, на јавната седница во Апелација, рече дека нема да го повтори бегството, како што се случи за време на истрагата за случајот 27 април, поради, како што рече, семејни причини. Неговиот адвокат, Звонко Давидовиќ, рече дека мерката притвор им била продолжена седум пати и дека неговиот клиент не очекува амнестија од државата, сѐ додека не биде утврдено дека е виновен.
Третиот обвинет кој денеска се жалеше во Апелација за ублажување на мерката притвор, беше и Никола Митревски – Кољо. Апелациониот суд има 48 часа да донесе одлука – дали за обвинетите ќе дозволи поблаги мерки. Инаку, на денешното рочиште за 27 април во Кривичниот суд, беа изведени доказите на предложените сведоци од адвокатот на обвинетиот Абдуљфета Аљими. Спасителот на Села од насилните настани во законодавниот дом, ги донесе и неговите поранешни колеги од обезбедувањето за да сведочат, за како што рече адвокатот, невиноста на Аљими.
РЕПОРТЕР: АДНАН ЌАИЛИ
