Токсикологот доктор Андон Чибишев алармира за сериозен безбедносен ризик по откривање на расфрлана салама во парк на територија на Скопје, за која е утврдено дека содржи високо токсичен пестицид.
Како што информира Чибишев, случајот бил пријавен откако деца кои си играле во паркот пронашле салама премачкана со бела прашкаста материја. Примероците биле доставени до Институтот за судска медицина и криминалистика, каде било утврдено присуство на пестицидот метомил, познат и како Ланате.
Станува збор за карбаматен инсектицид кој се користи во земјоделството, но кој, како што посочува докторот, неретко се злоупотребува за труење на бездомни животни. Тој предупредува дека метомилот е исклучително опасна и смртоносна супстанца, која делува многу брзо по внесување во организмот.
Според објаснувањето, труењето може да предизвика гадење, повраќање, пролив, потење, отежнато дишење, стегање во градите, болки во стомакот и нарушување на свеста. Во потешки случаи, смртта настапува поради парализа на респираторниот систем и откажување на виталните функции.
Доктор Чибишев посебно предупредува дека вакви предмети оставени на отворено претставуваат директна закана за децата, кои од љубопитност би можеле да ги земат или консумираат.
„Вака расфрлана салама од љубопитност може да ја изеде и некое дете“, предупредува тој, повикувајќи на итна реакција на надлежните институции.
Чибишев апелира државните органи без одлагање и со најстроги санкции да постапат против лицата кои ги оставаат ваквите отровни материи на јавни површини, пред да дојде до трагични последици.