Авион на компанијата „Флајдубаи“, кој летал од Дубаи кон Тел Авив, денеска принудно слетал во Табук, Саудиска Арабија, по сериозен инцидент за време на летот. Сите патници се безбедни, потврди авиокомпанијата.
Станува збор за летот FZ1073 од меѓународниот аеродром во Дубаи кон аеродромот Бен Гурион. Според податоците од сервисите за следење летови, авионот најпрво испратил општ сигнал за итна состојба, а потоа и сигнал кој може да укажува на незаконско мешање во летот.
Од „Флајдубаи“ соопштија дека авионот доживеал „инцидент за време на летот“ и безбедно слетал во Табук.
„Сите патници се безбедни и за нив се води грижа“, соопшти авиокомпанијата, додавајќи дека соработува со надлежните институции и дека дополнителни информации ќе бидат објавени откако ќе бидат потврдени.
Инцидентот првично предизвика сомнежи дека станува збор за обид за киднапирање на авионот. Сепак, портпаролот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека случајот не се третира како киднапирање. Израелските медиуми подоцна објавија дека настанот повеќе не се класифицира ниту како безбедносен инцидент.
Според израелски функционер цитиран од „Ројтерс“, меѓу двајцата пилоти наводно дошло до физичка пресметка за време на летот. Точните околности што довеле до конфликтот сè уште не се утврдени.
Во дел од израелските медиуми се појавија и тврдења дека еден од пилотите можеби се обидел намерно да го насочи авионот кон земјата, по што другиот пилот, со помош на патници од Израел, го совладал. За овие наводи засега нема официјална потврда и тие се предмет на дополнителни проверки.
На социјалните мрежи кружат и фотографии за кои се тврди дека прикажуваат патник кој помогнал во совладувањето на еден од пилотите, но нивната автентичност и точниот контекст не се официјално потврдени.
Според други информации објавени во израелските медиуми, можно е при расправијата меѓу пилотите по грешка да бил активиран сигналот за итна состојба. Израелски функционер за „Ројтерс“ потврдил дека меѓу пилотите имало физички конфликт, но засега нема конечен официјален заклучок за причините за инцидентот.
Инцидентот предизвика тревога и во Израел, а премиерот Нетанјаху одржал консултации со безбедносните служби додека траела неизвесноста околу летот. Авионот на крајот безбедно слетал во Саудиска Арабија, без повредени патници.