Длабоко под површината на Гренланд, ледениот покрив полека се преобликува во необични вртлози налик на перјаници, покажува најновото истражување кое би можело да им помогне на научниците во предвидување на однесувањето на мразот што забрзано се топи.
Овие формации првпат биле забележани со радарско снимање во 2014 година, но нивното потекло останало непознато сè до неодамнешната студија која укажува дека за нивното создавање е одговорна топлинската конвекција – истата сила што го придвижува ужарениот Земјин плашт.
Истражувачкиот тим, предводен од глациологот д-р Роберт Лоу од институтот ETH Zurich, користел компјутерски модели за симулација на движењата во внатрешноста на ледениот штит. Резултатите покажале дека топлината што доаѓа од внатрешноста на Земјата предизвикува подигање на потоплите делови од мразот и спуштање на постудените, при што со текот на илјадници години се создаваат необични форми.
Мистеријата на топлинската конвекција
„Често размислуваме за мразот како за цврст материјал – ладен и крут“, вели професорот Андреас Борн од Универзитетот во Берген. „Затоа фактот што откривме дека делови од гренландскиот леден штит поминуваат низ топлинска конвекција, речиси како тенџере со врела тестенина, е прилично необичен и фасцинантен.“
Лоу објаснува дека стабилните услови и малите количества снег на северот од Гренланд обезбедуваат совршена изолација за формирање на овие „столбови“ од мраз. Тој нагласува дека новите сознанија покажуваат дека мразот е всушност помек и почувствителен на притисок отколку што претходно се мислело, иако за конечна потврда се потребни дополнителни истражувања.
„Фактот дека топлинска конвекција може да се случува во ледениот штит е донекаде контраинтуитивен“, вели Лоу, додавајќи дека физиката сепак ја поддржува оваа теза, бидејќи мразот е „најмалку милион пати помек од Земјиниот плашт“.
Значењето на ваквите откритија е големо, имајќи предвид дека Гренланд располага со огромен леден штит од околу 1,7 милиони квадратни километри. Според проценките на американскиот Национален центар за податоци за снег и мраз, целосното топење на овој штит би го зголемило нивото на морето за дури 7,4 метри.
„Древен артефакт“
Друга студија, спроведена од Универзитетот во Барселона, потврдила дека топењето се одвива на досега невидени нивоа, при што најголем дел од екстремните настани на топење се регистрирани по 2000 година.
Иако самите перјаници не се директен знак дека мразот се распаѓа побрзо од очекуваното, тие претставуваат вид „древен артефакт“ од последното ледено доба. Лоу истакнува дека секое ново сознание за физиката на мразот овозможува попрецизни модели за идното покачување на нивото на морето.
„Самите по себе, перјаниците не се показател дека треба да очекуваме побрзо пропаѓање на ледениот штит од моментално предвиденото“, заклучува Лоу, додавајќи дека подоброто разбирање на процесите останува клучно за меѓународните климатски активности.