Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска се појави пред општинската зграда, од каде што објави видео на социјалните мрежи во кое упати серија обвинувања поврзани со боледувањето на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски. Јакимовски истовремено упати апел до Државниот инспекторат за труд да изврши проверка на случајот.
Тој во своето обраќање наведе дека, според негови пресметки, Лукровски требало да се врати на работа на 30 мај, но досега не се појавил на своето работно место.
„Законот за работни односи во член 82 е јасен и предвидува дека ако работникот отсуствува три последователни дена без оправдување, следува отказ без отказен рок. Градоначалникот може да биде отсутен само ако е на службен пат, годишен одмор или боледување. Во овој случај, нема вакво оправдување“, изјави Јакимовски.
Тој додаде дека, според него, законот важи за сите вработени, но не се применува подеднакво во конкретниот случај.
„За Сотир Лукровски како да важат некои други правила. Бараме Државниот инспекторат за труд да реагира и да утврди состојбата“, рече Јакимовски.
Во својата изјава, тој оцени дека ваквото однесување претставува потценување на граѓаните на Карпош и навреда за нивното достоинство.
Од друга страна, актуелниот градоначалник Сотир Лукровски претходно во текот на минатиот месец замина на боледување, при што за негов заменик беше назначен советникот Неделчо Крстевски.