БРОЈОТ на патници кои летале со руски авиокомпании во септември е намален за 20 отсто во однос на истиот месец минатата година, објави денеска рускиот државен завод за статистика Росстат.
Најновите податоци го покажуваат значителното влијание на западните санкции врз руската авијација. Во септември руските авиокомпании превезоа 9,87 милиони патници, што е за 20% помалку отколку во септември минатата година.
Влијанието на санкциите
Значителен пад бележи и бројот на патници во првите девет месеци од годинава – 72,6 милиони патници или за 13,1% помалку од истиот период лани.
На почетокот на оваа година, поради руската инвазија на Украина, западните земји им забранија на руските авиокомпании да го користат нивниот воздушен простор, со што им беше прекинат пристапот до профитабилните рути кон Европа и САД.
Производителите на авиони Ербас и Боинг престанаа да продаваат авиони, делови и опрема на руски авиокомпании, принудувајќи некои од нив да користат делови од постојните авиони за да набават делови за поправка и одржување на нивната флота.