Балкан

Дронови погодија три брода во Црното Море, еден потонал – Бугарија бара истрага

Дронови погодија три брода во Црното Море, еден потонал – Бугарија бара истрага

Бугарија побара меѓународна поддршка за истрагата за нападите со беспилотни летала врз три брода во Црното Море, во близина на нејзините територијални води. Бугарскиот премиер Румен Радев ги оцени инцидентите како „апсолутно неприфатливи“, откако при еден од нападите брод потонал, а неговиот екипаж бил евакуиран.

Радев соопшти дека е свикан итен состанок на Советот за безбедност при бугарската влада, на кој биле разгледани најновите информации за инцидентите. Според него, еден брод бил погоден на 17 наутички милји источно од Крапец и потонал, при што еден член на екипажот бил спасен.

Претходно, во 1:30 часот по полноќ, бил примен повик за помош од брод што се наоѓал на 18 наутички милји источно од Бјала. Според информациите што екипажот ги доставил до Центарот за поморско спасување во Варна, бродот бил погоден од три воздушни дронови во пределот на палубата и од страната, објави БТА.

Бугарските спасувачки служби, заедно со припадниците на граничната полиција, ги евакуирале сите 15 членови на екипажот на бродот „Челзи 3“, кој плови под знамето на Малта, е регистриран во Одеса и е во украинска сопственост.

Екипажот го сочинувале седум украински и осум азербејџански државјани. Тие биле пренесени во пристаништето во Варна, а петмина од нив добиле медицинска помош поради полесни повреди.

Бугарскиот премиер информираше дека постојаните претставници на земјата во НАТО и Европската Унија се запознаени со инцидентите. Тој најави и разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

– Бугарија побара поддршка во истрагата за нападите врз три брода со цел со сигурност да се утврди од која земја потекнуваат беспилотните летала што ги погодуваат бродовите во непосредна близина на бугарските територијални води – изјави Радев.

Тој нагласи дека Софија ќе продолжи да бара помош за зајакнување на воздушниот и поморскиот надзор, како и за подобрување на капацитетите за реакција при вакви инциденти.

Радев истовремено посочи дека засега нема цврсти докази врз основа на кои може да се обвини која било страна за нападите. Сепак, според неговата оценка, околностите укажуваат дека од нив корист има Руската Федерација.

– Немаме цврсти и јасни докази за да покренеме обвиненија против која било од страните, но логиката, како што веќе наведов, укажува дека резултатот е во корист на Руската Федерација – рече Радев.

Поради тоа, тој најави дека ќе ја покани руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, на разговор.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни