ДУИ и ВМРО ДПМНЕ го отфрлаат предлогот на СДСМ со помалите политички партии кои бараат една изборна единица. Откако вчера премиерот Зоран Заев рече дека ДУИ треба да прифати модел со една изборна единица затоа што албанската опозиција се здружува и ќе ја победи со сегашниот пропорционален изборен модел и дека не треба да се откаже од своите гласачи во третата и четвртата изборна единица, Артан Груби одговори дека ДУИ воопшто не размислува за една изборна единица и дека знае што е добро за неа.
Веќе неколку месеци претставници на СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ преговараат за измени на изборниот модел но договор се уште нема. Вчера Заев рече дека доколку се соберат 61 глас ќе го усвојат Изборниот законик со промена на изборниот модел за една изборна единица без консензус на другите партии. Генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Игор Јанушев смета дека ваквата изјава најверојатно ќе ја повлече. Тој истакна дека во Изборниот законик треба да се вградат препораките на ОБСЕ ОДИХР, за кои тврди дека нема инсистирање на една изборна единица.
На вчерашната дебата за промена на изборниот модел Заев се согласи со помалите политички партии дека на предвремените избори може да се оди со една изборна единица, а отворени листи да има на локалните избори. Помалите политички партии се заканија дека доколку во Изборниот законик не е предвидено да има една изборна единица тие нема да го гласаат законот.