Македонија

Дураки и министер и вицепремиер, Заев не одговара според кои заслуги е назначен

Садула Дураки нема да биде само министер за политички систем, туку и вицепремиер на Владата. Одлуката беше донесена синоќа на владина седница. Па така, по Спасовски, Османи, Шекеринска и Анѓушев, Дураки стана петтиот владин вицепремиер.

-Зошто се потребни толку вицепремиери, е одлука на Владата. Знаете дека со новите законски промени, нема веќе владин вицепремиер за Охридски договор, па така г.Дураки е министер во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.-рече Хоџа.

Но, врз основа на какви критериуми и успешна работа, Дураки ја доби оваа позиција со месечна плата од околу 80 илјади денари?

За ова го прашавме и премиерот Заев, но до почетокот на ова информативно издание одговор не добивме.

Вицепремиерот кој воедно е и портпарол на ДУИ, Бујар Османи рече дека Дураку станал вицепремиер бидејќи треба да прави координации во цела извршна власт.

-Министерот за политички систем истовремено и вицепремиер поради тоа што треба да ги координира сите институции за темите поврзани со политичкиот систем и односи со заедниците-изјави Османи.

Опозиционерите велат дека најавиле дека реконструкцијата на владата нема да даде никаков ефект.

Пред да го добие Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Дураки две години беше министер за животна средина и просторно планирање.

Роден е во Липково, општина каде беше и градоначалник и каде се уште постои отворената депонија со арсен и други тешки метали што ги труе жителите.

Постојат и други жешки еколошки точки кои го загрозуваат животот на граѓаните, а нивното решение заглави во бирократија и визибилити планови.

Некои од нив се со Линдан, во дворот на фабриката Охис како и над 10 други жешки точки, главно рудници. Меѓу нив е и фабриката за метал Злетово во Велес за која беше ветено дека наскоро ќе почне со експлоатација на метални остатоци.

Депониите и загадениот воздух остануваат голем проблем за Македонија.

Критика за политиките за животна средина имаше и во последниот извештај на Европската комисија, каде меѓу другото се вели дека има слаби капацитети за управување со животната средина на локално и централно ниво. Целосен закон за загадениот воздух но слаба реализација, доцнење во интегрирачкиот систем за менаџирање со отпад додека новиот закон за индустриско емитирање и легислатива за негово спроведување не е се уште усвоен, се вели во извештајот.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни