Живот

Наградуваниот филм „17“ на Косара Митиќ со македонска премиера во Скопје

Наградуваниот филм „17“ на Косара Митиќ со македонска премиера во Скопје

Долгометражниот игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ, на 5 ноември ќе ја има својата македонска премиера во Македонскиот народен театар, во рамки на Скопје филм фестивал. Филмот, кој веќе привлече внимание на меѓународната филмска сцена, пристигнува пред домашната публика со повеќе престижни признанија.

На 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал, „17“ освои четири награди, меѓу кои и „Срце на Сараево“ за најдобра актерка, што ѝ припадна на младата Ева Костиќ за улогата на Сара.

Филмот обработува чувствителна и тешка општествена тема, следејќи ја приказната на млада девојка која се соочува со траумите и последиците од сексуален напад. Преку нејзиното искуство се отвораат прашања за насилството, стравот, молкот и односот на општеството кон жртвите.

Костиќ истакнува дека особено ѝ значат реакциите на гледачите и начинот на кој публиката ја доживува приказната. Според неа, меѓународните признанија носат и дополнителна одговорност во изборот на идните актерски предизвици.

Говорејќи за подготовките за улогата, младата актерка посочува дека бунтовниот карактер на Сара бил една од причините поради кои успеала да се поврзе со ликот. За време на снимањето, како што објаснува, целосно се посветила на пренесување на нејзините чувства, трауми и внатрешни конфликти.

Поради чувствителната тематика, филмот предизвикал силни емотивни реакции на дел од фестивалските проекции. Костиќ смета дека токму отворањето теми за кои општеството често избегнува да разговара е една од најважните вредности на филмското остварување.

Покрај наградата во Сараево, актерката добила и специјално признание за најдобра актерка на филмски фестивал во Лас Палмас, Шпанија, како и признание на фестивал во Полска.

Филмот „17“ е добитник и на наградата од публиката и признанието „Сине Европа“ на Сараевскиот филмски фестивал, „Златна мимоза“ за најдобра режија на фестивалот во Херцег Нови, како и награда за најдобар дебитантски филм на фестивалот во Ерусалим.

Со македонската премиера во Скопје, домашната публика ќе има можност да го погледне филмското остварување кое преку интимна и емотивна приказна отвора важни прашања за насилството, траумата и општествената одговорност.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни