Македонија

Голема полициска акција во Куманово: Петмина уапсени за изнуда и перење пари

Голема полициска акција во Куманово: Петмина уапсени за изнуда и перење пари

Пет лица се лишени од слобода во полициска акција во Куманово, насочена кон разбивање организирана криминална група која, според истражните органи, дејствувала на ова подрачје во изминатите пет години.

Акцијата ја спроведува Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност, во координација со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Уапсените се осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои изнуда, перење пари и несовесно работење во службата.

При претресите на повеќе локации биле пронајдени поголема сума пари и документација за која постои сомневање дека е поврзана со незаконско позајмување пари и изнуда.

Врз основа на прибраните докази, истрагата била проширена и во нотарска канцеларија во Куманово, каде што исто така бил извршен претрес.

Во случајот е вклучена и Народната банка, која била известена за финансиски средства за кои постојат информации дека потекнуваат од менувачница во сопственост на брат на еден од осомничените. Според првичните информации, Народната банка спроведува контрола и ревизија.

По налог на јавен обвинител, од осомничените ќе бидат одземени возила, мобилни телефони, документација и други предмети кои би можеле да послужат како доказ во понатамошната постапка.

Кривичната пријава сè уште се подготвува, а истражните органи продолжуваат со утврдување на сите околности поврзани со случајот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни