Двајца мигранти од Авганистан, едниот полнолетен, а другиот малолетен, се соочуваат со кривични пријави откако се осомничени дека извршиле разбојништво врз 62-годишен жител на гевгелиското село Негорци. По брзата полициска интервенција, осомничените биле пронајдени, а кај едниот бил откриен и одземениот мобилен телефон.
Од СВР Струмица соопштија дека ОВР Гевгелија до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднело кривични пријави против М.Ј.М. (19), мигрант од Авганистан, и 17-годишен мигрант од истата држава, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „разбојништво“ согласно член 237 од Кривичниот законик.
Според пријавата, на 20 јули 2026 година околу 15 часот, на локалитетот „Авлаќ“ во атарот на селото Прдејци, двајцата физички нападнале 62-годишен жител на Негорци и му го одзеле мобилниот телефон.
По преземените оперативни мерки, полициските службеници ги лоцирале осомничените во близина на местото на настанот. При преглед кај 19-годишникот бил пронајден украдениот мобилен телефон, по што тој бил лишен од слобода, додека малолетникот бил повикан во Полициската станица Гевгелија.
За случајот бил известен јавен обвинител, а по спроведената постапка и поднесувањето на кривичните пријави, двајцата биле изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гевгелија. На полнолетниот осомничен му е определена мерка притвор, додека малолетникот ќе биде сместен во Прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија.