Горанче Ангеловски-Ќосето и Иван Цветановски се двајца од 33 обвинети за настаните од 27 април, кои ќе бараат да бидат опфатени со законот за амнестија. Нивниот адвокат е убеден дека тие ќе бидат опфатени со законот.
Денеска, во Службен весник беше објавен законот за амнестија, а обвинетите во рок од 5 дена можат да поднесат барање да бидат амнестирани. Дали ќе бараат амнестија обвинетите Александар Василевски Нинџа и Душко Лазаров, не знае ниту нивниот адвокат Звонко Давидовиќ. Тој вели дека оваа одлука ја носат обвинетите со кои претходно ќе се консултира.
За жал, за 27 април нема да има краен правен епилог, вели Давидовиќ кој законот за амнестија го гледа само како политичка одлука на партиите кои се договорле меѓу себе.
Јане Ченто и Игор Југ вчера пред судот изјавија дека нема да бараат амнестија додавајќи дека веруваат во судството и дека судот, а не политиката, треба да одлучи дали се виновни или не.
Обвинетиот Горан Ѓошевски- Леви вчера рече дека за ова ќе се консултира со својот адвокат. Ниту обвинетиот Митко Чавков не изјави дали ќе бара такво нешто. На денешното рочиште беа изнесени неговите дополнителни искази, земени и декласифицирани од МВР. На ред е презентацијата на дополнителните искази на Душко Лазаров и Крсто Мукоски. По овој процес, судијката Добрила Кацарска се очекува да ги одреди воведните зборови. Кој ќе биде помилуван ќе одлучи судот, но со претходно мислење дадено од обвинителката на предметот, Вилма Рускоска.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ
