Македонија

Две лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа на експресниот пат Градско–Прилеп

Две лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа на експресниот пат Градско–Прилеп

На 11.06.2026 година, во 13:30 часот, во ОВР Кавадарци било пријавено дека на експресниот пат Градско–Прилеп, по исклучокот за Кавадарци, се случила тешка сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила со прилепски регистарски ознаки.

Според информациите од надлежните, во несреќата учествувале возило „Шкода Октавиа“, управувано од Ж.Р. (51) од Прилеп, и возило „Фолксваген Голф“, управувано од Т.М. (39) од Прилеп.

Од здобиените повреди, на местото на настанот починале возачот на „Шкода“-та и 42-годишната Б.Б. од Прилеп, која била сопатник во истото возило. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош Кавадарци.

Возачот на возилото „Голф“ се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Општата болница во Кавадарци, по што бил пренесен на понатамошно лекување во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител во координација со увидна екипа од ОВР Кавадарци, со цел утврдување на причините за судирот.

Сообраќајот на овој дел од експресниот пат бил во прекин и бил нормализиран во 17:00 часот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни