Две отворени страни на терасите ќе бидат доволни за просториите за пушење – угостителите ќе треба да обезбедат и одвоен влез за непушачи

Предлог-законот за заштита од пушење, кој предвидува заштита на непушачите и регулирање на просториите каде е дозволено пушењето, наскоро ќе влезе во собраниска процедура по претходно разгледување на владина седница закажана за 24 март. Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека законот се очекува целосно да биде усвоен во рок од еден до еден и пол месец.

Иако почетниот рок за примена беше 1 март, тој беше пролонгиран за да се усогласат забелешките од угостителите и тутунската индустрија. Алиу истакна дека биле одржани низа средби со засегнатите страни, при што сите забелешки биле разгледани од научен, економски, инфраструктурен и здравствен аспект.

Во однос на барањата на угостителите, министерот појасни дека со анализа според препораките на Светската здравствена организација се утврдило дека две отворени страни на терасите се доволни за да се смета дека просторот е соодветно проветрен, што ќе овозможи пушење. Дополнително, доколку објектот има подвижен кров кој се отвора, и тоа ќе се третира како отворена површина.

Министерот појасни дека угостителите ќе треба да обезбедат физички одвоен влез за непушачите, со цел тие да имаат пристап до објектот без да бидат изложени на чад. „Идејата на законот е да ги штитиме граѓаните кои не пушат, а да им одредиме место на оние што пушат“, рече Алиу.

Министерот се надева дека со примената на законот бројот на пушачи во земјава, кој сега изнесува 45%, во рок од две години ќе се намали на 20 отсто.