Две жртви и 16 повредени во тешка несреќа со автобус во Бугарија

Во тешка сообраќајна несреќа што се случи на патот Бургас–Малко Трново, во близина на границата со Турција, загинаа две лица, а најмалку 16 се повредени, јавуваат локалните медиуми.

Според првичните информации, инцидентот се случил со украински автобус во кој се наоѓале 37 патници и двајца возачи. Возилото претходно застанало поради недостиг на гориво, по што патниците биле изведени надвор и се собрале во негова близина.

Во еден момент, автобусот започнал неконтролирано да се движи наназад, при што удрил во групата патници, а потоа излетал од коловозот и завршил во ров покрај патот. Сцените по несреќата биле хаотични.

На самото место животот го загубиле две лица, додека најмалку 16 се повредени, меѓу кои има и деца. Шест повредени се пренесени во болници во Бургас, а десет се згрижени во Малко Трново. Дел од останатите патници добиле медицинска помош на лице место.

Вкупно во автобусот имало 39 лица, кои по несреќата биле извлечени од службите. Дел од нив се привремено сместени во дневен центар.

Возачот на автобусот е приведен, а надлежните служби спроведуваат истрага за да се утврди како точно дошло до движењето на возилото и трагичниот исход.