Помина точно една година од автобуската несреќа на „Беса транс“ во Бугарија каде загинаа 45 лица од Северна Македонија.
Семејствата на жртвите во болка сведочеа за последните моменти на нивните најблиски.
Меѓу жртвите е и 26-годишната девојка, ќерка на Мухедин од Македонија, со која се слушнал само еден час пред страшната несреќа.
Нејзиниот татко за БТВ вели дека пријателка на ќерка му и предложила да одат на шопинг 2-3 дена во Истанбул.
„Таа беше нејзина пријателка од детството. Тие беа заедно од својата 5-та година и како да сакаше Господ да бидат заедно дури и во смрт“, вели тој.
За разговорот со ќерката вели дека бил убав, односно девојката видела дека е вклучен на интернет и му се јавила за да го слушне.
„За мене таа ноќ беше многу тешка – заспав и се разбудив. Во 6 часот и 15 минути се разбудив и случајно го зедов мобилниот телефон и прочитав дека во Бугарија имало несреќа со автобус. Не пишуваше кој автобус. Се јавив во агенцијата што го организираше патувањето на ќерка ми – нема одговор. Ја повикав и нејзината пријателка – а таа не крена“, додал таткото на девојчето.
Неколку часа подоцна, Мухедин дознал дека неговата ќерка починала. Денеска вели дека единствено што сакаат со неговото семејство е вистината.
„Не можеме да ги вратиме нашите деца, но сакам да знам. Има многу теории на заговор дека имало бензин, дека превезувале – интересно е“, додаде Мухедин.
Инаку, при увид по несреќата беа пронајдени канти со гориво, но според бугарското обвинителство тие воопшто не се запалиле.
Во случајот беа испрашани повеќе од 30 сведоци. Направени се и голем број вештачења, велат од обвинителството. Еден од нив ја утврди причината за смртта на 45-те лица.
„Утврдено е дека повеќето починале од термички удар и задушување од пожарот“, истакнаа тогаш од обвинителството.
Водечката верзија за несреќата е човечка грешка.
„Од изготвениот заклучок на вештаците јасно се гледа дека возачот возел со преголема брзина и изгубил контрола над возилото“, изјави портпаролот на обвинителството.
Денешниот датум ќе остане најцрн за семејствата од 45 лица, вели Мухедин.
Знае дека нема враќање назад, но вели и дека не може да прифати. Се додека не дознае зошто неговата ќерка го загубила животот.