Екологијата или бизнис интересите се приоритет на т.н. еко-активисти?

Се вжештува преписката по обвинувањата на адреса на советникот во Општина Ново
Село, кој исто така се претставува како заштитник на животната средина, Костадин
Ристоманов дека екологијата му е втор план наспроти бизнис интересите. Во една од
последните колумни аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов му
постави низа отворени прашања на Ристоманов, додавајќи дека т.н. еко-активисти кои
се противат на отворањето рудници имаат друга позадина, а не заштита на животната
средина.

Аналитичарот истакна дека добил нови информации од свиркачи, кои велат дека
освен што фирмата на Ристоманов своевремено ги опремувала објектите на рудникот
Бучим, постојат и други аргументи кои упатувале на одредени сознанија дека камиони
наводно организирани токму од него, или можеби во сопственичка релација со негова
фирма, превезувале одреден материјал ископан од Бучим на обработка во Бугарија.

Грозданов праша дали фирмата „РИКО ГРАДБА извоз-увоз ДООЕЛ Ново Село“ е во
сопственост на Ристоманов и дали Регулаторната комисија за енергетика и водни
услуги на 23 јануари 2023 издала лиценца на оваа компанија за изградба на
фотонапонска електроцентрала ФЕЦ „РИКО ГРАДБА СОЛАР“? Грозданов ја постави и
дилемата дали оваа фотонапонска централа од еден мегават користи обработливо
земјоделско земјиште лоцирано на место викано „Зајчарка“ и дали е точно дека за
пренамена на ова земјоделско во градежно земјиште неопходна е одлука на Советот
на Општина Ново Село, каде советник е токму Ристоманов и заради ова постои
конфликт на интереси?

Следуваше и одговор од страна на Ристоманов, кој, според дел од реакциите, создал
повеќе забуна отколку што ги расчистил дилемите. Ристоманов, на социјалните мрежи
потврди дека неговата градежна компанија работела на реновирање канцеларии и
тоалети за вработените во рудникот во Бучим, но од друга страна остро ја негираше
евентуалната поврзаност со компанија, чии камиони со бугарски регистрации,
работеле за конкретниот рудник.

Сепак, дополнителни прашања покренаа неговите одговори во однос на
фотонапонската централа и конфликтот на интереси, откако тој призна дека
посочената фирма е во негова сопственост.

-1. ДГТ Рико Градба ДООЕЛ е единствена лично моја фирма од 1992 година и до сега
не сум и додал ниту една буква, ниту сум поништил некоја фирма, па да отворам друга
фирма, ниту пак сум сменил телефонски број – личен или официјален. 2. Да, имаме
лиценца за ФЕЦ на име на фирмата, но само локацијата (Зајчарка) сте ја погодиле, а се друго не е точно, затоа што сте неписмени. Истата Фотонапонска централа не е
поставена на земја, туку на покривите од веќе постоечките објекти, нејзината излезна
моќност не е 1 МW (мегават), туку е 0,176 МW (176 Киловати), а тоа е толку мала
централа пред се за сопствени потреби, која не се споредува со оние крупни ФЕЦ на
земја со кои сакате да ме поврзете. 3. Не е на земјоделско земјиште, туку на покривите на моите веќе изградени објекти. 4. Затоа и немало никакви пренамени на
земјоделско земјиште и немало потреба од никакво гласање, оти објектите се лично
мои. Од тие причини, немало никакви конфликт на интереси, напиша Ристоманов.

По ваквиот потврден одговор на Ристоманов за сопственоста на фирмата, реагираа од
граѓанската иницијатива „И здравје и работа“. Тие пак веројатно имаат информации
дека Ристоманов не поседува само една лиценца за производство на струја, туку
повеќе. Оттаму прашуваат како се добиваат лиценци за производство на струја од
вкупна моќност од 2 мегавати во период од пет месеци во 2023 година, во две
македонски општини?

-Одговорете на прашањата кои ги игнорирате: Дали фирмата на Коста со назив „РИКО
ГРАДБА извоз-увоз ДООЕЛ“, освен на КП 3970/1 и КП 3971/1 во Општина Ново Село,
има добиено лиценца за производство на струја и во друга Општина во Македонија на
23 јануари 2023? Дали и таа лиценца е за максимален инсталиран капацитет до 1
мегават? Дали таму Коста инсталирал панели на кровови на објекти до 143 киловати и
дали останатите можеби ќе ги инсталира на земјоделско земјиште? Нека им објасни
Коста на жителите на Струмичка котлина како се добиваат лиценци за производство на
струја од вкупна моќност од 2 мегавати во период од пет месеци во 2023 година, во
две македонски општини?, потенцираа од иницијативата „И здравје и работа“.
Според нив, треба да се појаснат интересите на овие лица кои се претставуваат како
еко-активисти и со своите постапки и влијанија врз државните институции
оневозможуваат отворање на рудници, за кои државата може да биде повикана на
меѓународна арбитража, а последиците ќе ги трпат единствено граѓаните.

-Треба да се разработат сите правни околности за оние лица кои со своето однесување
или преку тргување со влијание, извршиле притисок врз општините и надлежните
државни институции, тие да носат одлуки заради кои Македонија ќе плаќа
астрономски отштети, да одговараат за ставање во заблуда на јавноста со невистинити
конструкции кои предизвикуваат страв и паника и да ја доведуваат државата во
подредена економска зависност во полза на центри на моќ од трети страни,
заклучуваат од граѓанската иницијатива.