Автомобилите кои го загадуваат воздухот во недозволени мерки, ќе добијат црвени налепници. Овие возила нема да можат да сообраќаат во општините каде нивото на загаденост е над нормалата. Врз основа на измените во Законот за возила, сите автомобили ќе добијат еко налепници. Црвена, портокалова или зелена, зависно од штетните гасови кои ги емитираат. Еколошките налепници ќе бидат одредувани на техничкиот преглед на возилото, а ќе бидат показатели за тоа колку возило го загадува воздухот. Право на движење низ Скопје во денови кога воздухот е многу загаден, ќе имаат возилата со портокалови и зелени налепници. Со стапувањето на овој закон во сила, ќе има санкции за непочитувањето на правилата. Санкции ќе има и за овластените технички служби доколку не постават соодветна налепница на возилото.
Според заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, возилата се втор по големина загадувач на воздухот.
Поради тоа најави субвенции за електрични автомобили. Во првата година се очекува да се субвенционираат 200 возила. 5 илјади евра субвенции ќе добиваат граѓаните за електрични автомобили, а за хибридни, по 3 илјади евра. Инаку, според податоците од Министерството за животна средина, повеќето автомобили во земјава се со стандард ЕУРО 2 или ЕУРО 1.
Инаку, Скопје, во изминатите денови е меѓу првите на листата најзагадени градови во светот. Денеска во општина Центар, канцерогените честички ПМ10 се 65 микрограми на метар кубен, а дозволеното ниво е 50. За општина Гази Баба и Ново Лисиче како и неколку градови, апликацијата „Мој воздух“ не дава податоци.
Репортер: Алмедина Исмајли
