Најголемата светска крипто берза, Binance, би можела да ја загуби дозволата за опслужување клиенти во Европската Унија од следниот месец, бидејќи нејзината апликација за лиценца е пред одбивање, изјавиле за Reuters две лица запознаени со случајот.
Според новите правила на ЕУ, познати како MiCA (Markets in Crypto-Assets), крипто-компаниите имаат рок до крајот на јуни да обезбедат лиценца што ќе им овозможи да продолжат да ги нудат своите услуги низ целата Унија. Апликацијата на Binance, поднесена до грчкиот регулатор за пазарот на капитал, според изворите ќе биде одбиена.
Европските регулатори веќе подолго време се обидуваат да воведат построга контрола врз крипто-берзите, кои им овозможуваат на корисниците да тргуваат со криптовалути како што е биткоинот на глобално ниво.
Според MiCA, крипто-компаниите мора да добијат лиценца од регулаторите во една земја-членка на ЕУ, која потоа може да ја користат како „пасош“ за работа во сите 27 земји на Унијата.
Во прашање е надзорот над крипто-индустријата вредна повеќе трилиони долари, за која регулаторите долго време предупредуваат дека може да предизвика нестабилност на пазарите и штета за инвеститорите доколку не биде соодветно регулирана.
Доколку грчките власти ја одбијат апликацијата, Binance нема да добие дозвола за работа во ЕУ, што ја остава неизвесна иднината на нејзините корисници во Унијата.
По објавувањето на извештајот на Reuters, Binance на платформата X соопшти дека има намера да „поддржи уреден процес и да ги минимизира нарушувањата за своите корисници“, без да даде дополнителни детали.
Соработка со регулаторите
Портпарол на Binance, која има околу 300 милиони корисници ширум светот, претходно изјави дека компанијата активно работела на добивање MiCA лиценца и соработувала со регулаторите во изминатите 18 месеци.
Од Binance сметаат дека ги исполниле условите за добивање овластување според MiCA. Според нив, грчката Комисија за пазар на капитал ја завршила проверката на апликацијата и ја оценила како усогласена со барањата.
„Комисијата не дала никаква формална индикација за спротивното“, изјавил портпаролот за Reuters.
Коизвршниот директор на Binance, Richard Teng, во февруари изјави дека работната сила и безбедносниот профил на Грција ѝ даваат предност во однос на поголемите финансиски центри како можен регулаторен дом на компанијата во Европа.
Неговиот претходник и основач на Binance, Changpeng Zhao, познат како CZ, минатата година беше помилуван од Donald Trump, откако претходно призна вина за прекршување на американските закони за спречување перење пари.
Грчката Комисија за пазар на капитал одби да ја коментира апликацијата на Binance, повикувајќи се на правилата за доверливост. Без лиценца, компанијата нема да може да продолжи со работа во ЕУ од почетокот на јули.
Новите правила на ЕУ воведоа посилен регулаторен надзор врз работењето на крипто-индустријата во Европа.
„Ќе обезбедиме дополнително ажурирање пред 30 јуни 2026 година“, соопшти Binance, додавајќи дека доцнењата во процесот на добивање MiCA лиценца може да доведат до префрлање на дел од активностите надвор од ЕУ.
Криптовалутите претставуваат форма на дигитални пари, чии трансакции се евидентираат на децентрализирана дигитална книга позната како блокчејн (blockchain).