Екстрадицијата ќе биде разгледана, но… Ќе ја гарантираме безбедноста на Груевски, вели Орбан

Со Груевски се познавам одамна, ми беше колега. Без него ќе беше тешко да се брани унгарската граница од мигантскиот бран. Со овие зборови премиерот на Унгарија Виктор Орбан го почна одговорот на прашањето на новинарката на „Кошут Радио“за барањата на Европската комисија да се објасни одлуката да му биде доделен азил на Никола Груевски. Орбан вели дека не може да влијае врз правосудниот систем во неговата земја, но потенцира дека целиот процес треба да биде внимателно разгледан и одлуката да биде праведно донесена. Воедно тој потенцираше дека Никола Груевски е дел од прогонот на организациите поврзани со Џорџ Сорос. Воедно обвини дека во Македонија се случуваат комплицирани политички игри, а правосудството е дел од нив.

„Можеби мора да се каже дека во Македонија постои комплицирана политичка битка и игра, а правдата е дел од тоа. Не знам што е точно и што не е, бидејќи е речиси невозможно да се одлучи. И тогаш може да се држите настрана од овие прашања и да инсистирате Унгарските власти ги земаат во предвид за да не влијаеме во Македонија. Барањето поднесено за азил е правно оправдано. Унгарските власти  мора да постапуваат според правилата, а одлуката која ќе ја донесат мора да биде почитувана. Можам да кажам дека ќе го гарантираме статусот на бегалците, односно нивната безбедност во Унгарија, ова важи за секого, па и за поранешниот премиер на Македонија“, изјави Виктор Орбан – премиер на Унгарија.

Се вчитува...

Орбан порача дека барањето за екстрадиција од македонските власти ќе биде земено во предвид и внимателно ќе биде разгледано. Сепак, судејќи според интервјуто и неговите ставови, тешко е да се поверува дека Унгарија ќе го екстрадира екс премиерот на Македонија.

Такво нешто тврди и адвокатот Александар Тортевски, кој во емисијата Клик Плус потенцираше дека се додека е Орбан на власт во Унгарија не може да се очекува такво нешто. Со него се согласува и Слаѓана Тасева од Транспаренси Македонија.

„Како што стојат сега работите мислам дека тешко тоа да се случи. Прилично се одлучни засега Орбан и министерот за правда во Унгарија, кој уште наведува дека не може да се дозволи поранешен премиер да биде ставен во затвор што е спротивно на европските и меѓународните стандарди“, изјави Слаѓана Тасева во вчерашното издание на „Click Plus.“.

Адвокатот Тортевски вели дека најважното прашање е каков документ добил Груевски во унгарската амбасада во Тирана со кој ги поминал речиси сите граници при неговото бегство.

„Во амбасадата во Тирана на Груевски му бил издаден патен лист. Тоа е документ кој се издава на лице кое што го загубило пасошот, односно патната исправа. Тоа се издава на домашни државјани. Тоа укажува дека Груевски можеби има унгарско државјанство. Сега, ова не оди со барањето за азил, но со Орбан се е можно“, вели Александар Тортевски – адвокат.

Унгарија се уште не одговорила на прозивките на Европската комисија. Ниту демантира, ниту потврдува дека одобрила азил на Груевски. Европратеникот од Унгарија Бенедек Јавор вели дека има обиди ова прашање да биде опфатено и во Европскиот парламент, иако прашањата за азил се внатрешни прашања на секоја земја членка на ЕУ.

Извор: ТВ21