Романија е една од европските земји најтешко погодени од се почестите топлотни бранови и високи температури. Сушата веќе сериозно го нарушува секојдневието, особено во југозападните региони.
Жителите на селото Теаско дин Деал се соочуваат со секојдневна борба за основната потреба – вода. Со канистри во раце, пешачат километри до најблиските извори или бунари, пренесува Euronews. Некои мора да минуваат низ шумски патеки за да стигнат до вода, што дополнително го отежнува нивниот живот.
„Собравме дождовница во резервоар, но кога има суша, тоа едноставно не е доволно,“ вели Руксандра Болташу од соседното село Аргетоја.
Проблемот е заеднички за сите 50 семејства во селото. Без друг избор, дел од нив се обидуваат да обезбедат барем минимални количини вода преку собирање дождовница.
Локалните власти признаваат дека ситуацијата е алармантна, но решенија засега нема. „Ни се ограничени можностите,“ велат тие.
Според податоците на Националната метеоролошка служба, речиси една третина од територијата на Романија се наоѓа под сериозно влијание на екстремна суша – појава која станува се почеста со климатските промени.