Францускиот претседател Емануел Макрон го увери Киев дека неговата земја ќе и достави уште тешко оружје на Украина за да се одбрани од Русија, јави ДПА, повикувајќи се на француското претседателство.
Во телефонски разговор со неговиот украински колега Володимир Зеленски, Макрон посочил дека Франција е на страната на Украина, соопшти синоќа Елисејската палата. Двајцата водачи разговараа и за потребите на Киев од воена опрема, политичка и финансиска поддршка и хуманитарна помош.
Франција веќе испорача хаубици Цезар во Украина и ги обучи украинските војници во Франција како да ги користат. „Цезар“ се самоодни хаубици од 155 милиметри способни прецизно да погодат цели на оддалеченост до 40 километри. Париз испрати и неколку противтенковски ракети во Киев.
За време на посетата на Киев кон крајот на мај, новата француска министерка за надворешни работи, Катрин Колона, рече дека претстои „конкретен одговор“ на барањето на Украина за потешко оружје.
Француското претседателство истакна дека Макрон и Зеленски се договориле да продолжат да одржуваат контакт, особено во врска со кандидатурата на Украина за членство во Европската унија, тема што ќе се дискутира на Европскиот совет на 23 и 24 јуни.
