Во Македонија првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром, според соопштението за зафатот. Станува збор за ретка наследна болест која го оштетува бубрежното ткиво и може да доведе до бубрежна слабост.
По потребните медицински испитувања била утврдена компатибилност меѓу мајката и детето, а мајката била оценета како соодветен жив дарител.
Трансплантацијата е една од трите извршени на Универзитетската клиника за урологија, каде што пред неколку дена пациентите ги посетил министерот за здравство, Сашо Клековски. Кај другите двајца пациенти бил трансплантиран бубрег од починат дарител.
„Ова е пример за најдоброто во нашето здравство – стручност, тимска работа и човечност. Секој трансплантиран бубрег значи нова шанса за живот“, изјави Клековски.
Со овие зафати, бројот на трансплантации на бубрег на Клиниката годинава достигнал 15, наспроти 11 во текот на цела 2025 година.
Во соопштението се посочува дека случајот ја покажува важноста на соодветната дијагностика, темелната медицинска процена и внимателната подготовка при разгледување на можноста за трансплантација кај пациенти со ретки генетски заболувања.
Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, упати благодарност до семејството и до медицинскиот тим.
„Упатуваме благодарност до семејството за довербата и за согласноста случајот да биде јавно споделен, како и до целиот медицински тим кој деноноќно е вклучен во оваа сложена медицинска постапка“, изјави Кузмановска.