Емотивно враќање на Ана Костадиновска на сцената по трагедијата во Кочани

Синоќа на градскиот плоштад во Валандово, во рамки на Фолк фестивалот, се одржа музичка вечер која помина во знакот на емоции, солзи и аплаузи. Пред бројната публика настапија Каролина Гочева, Тајзи и Ике де Кока, а вечерта ќе остане запаметена и по враќањето на сцената на Ана Костадиновска — придружниот вокал на групата ДНК, која ја преживеа трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.

Настанот беше одложен од сабота поради лошите временски услови, но синоќа, на бината во Валандово, Ана се појави како придружен вокал на Каролина Гочева, за првпат по трагичниот 16 март. Во пожарот во Кочани животот го загубија осум члена од тимот на ДНК и вкупно 62 младинци. Меѓу жртвите беше и Сара Пројковска — долгогодишната сценска партнерка на Ана.

Нивниот дуо настап со години беше синоним за професионализам, енергија и хармонија на сцената. Затоа, не изненади топлиот прием кој Ана го доби од јавноста и нејзините колеги.