Кина воведе низа економски противмерки кон Соединетите Американски Држави, меѓу кои се строга контрола на извозот на дронови и забрана за работење на шест американски компании. Со овој потег Пекинг одговара на неодамнешните трговски ограничувања што ги наметна Вашингтон, пренесува Euronews.
Тензиите меѓу двете најголеми светски економии растат во пресрет на септемвриската посета на кинескиот претседател Си Ѓинпинг на САД. Односите се влошија и покрај првичните знаци на подобрување по неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг во мај.
Кинеското Министерство за трговија соопшти дека санкциите се директен одговор на чекорите на САД – пред сè, забраната за увоз на кинески дронови донесена од Американската сојузна комисија за комуникации (FCC), како и одлуката на Министерството за внатрешна безбедност на САД да додаде 43 кинески компании на листата за санкции врз основа на Законот за спречување принудна работа на Ујгурите.
„Тие мерки сериозно го нарушуваат важниот консензус што го постигнаа двајцата шефови на држави и нанесуваат голема штета на легитимните права и интереси на Кина. Пекинг нема друг избор освен да ги преземе потребните противмерки“, се наведува во соопштението на кинеското министерство.
Пекинг истакнува дека делува со воздржаност, повикувајќи го Вашингтон да ги повлече своите мерки, но предупредува на можност за дополнителни санкции доколку САД воведат нови ограничувања.
Нов режим за извоз на дронови и блокада за американски субјекти
Според новите правила, Пекинг сега бара посебна проверка за секој поединечен случај при извоз на беспилотни летало, нивни клучни компоненти и сродни технологии. Оваа опрема е ставена на листата на стоки со двојна намена и подлежат на извозна контрола бидејќи може да се користи и за цивилни и за воени цели.
Забрана за трговија и деловни активности е воведена за шест американски субјекти, меѓу кои се компанијата Applied DNA Sciences и невладината организација Human Rights in China.
Покрај ова, Кина дополнително ја забрани работата на компанијата Compliance Testing LLC, обвинувајќи ја за соработка со американската FCC на штета на „кинескиот суверенитет и безбедност“. Министерството најави и истрага за можниот влијание на увозниот софтвер за печатење и канцелариска опрема врз националната безбедност.
Нови правила за безбедносни сертификати
Кинеската државна управа за регулација на пазарот објави дека американските компании кои вршат фабрички инспекции за кинески нарачатели повеќе нема да можат да издаваат задолжителни CCC сертификати (стандард за безбедност на електронски производи).
Според новото правило, американските производители на сертифицирана електроника ќе мора да ангажираат ревизори надвор од САД или да се потпрат на тела за сертификација кои не се регистрирани во Америка.
Американскиот регулатор FCC во декември го забрани увозот на нови кинески дронови, а минатата недела најави и забрана за увоз на нови хуманоидни роботи и енергетски претворачи од странско производство, наведувајќи ги ризиците по националната безбедност – потег што се смета за директно насочен против Кина.