Македонија

ЕУ бара спроведување на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија со опипливи резултати

ЕУ бара спроведување на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија со опипливи резултати

Спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија останува меѓу обврските што Европската Унија ги нагласува во Декларацијата од вчерашниот самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел. Македонија на самитот ја претставуваше премиерот Христијан Мицкоски.

Во документот се бара меѓународните договори да се спроведуваат со добра волја и со опипливи резултати, а регионалната соработка, помирувањето и добрососедските односи се посочуваат како клучни за заедничката иднина.

„Инклузивната регионална соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни за градење заедничка иднина, како и спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, се наведува во петтата точка.

ЕУ повикува и на дополнителни напори за изнаоѓање и спроведување конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови, во согласност со меѓународното право.

Со Декларацијата се усогласиле сите партнери од Западен Балкан освен Србија, која немала претставник на самитот. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, отсуството го поврзал со преодната фаза во земјата по парламентарните избори.

На самитот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најавила исплата на вкупно 338 милиони евра за Албанија, Црна Гора и Македонија во следните недели.

Мицкоски, пак, изјави дека очекува зголемување на финансискиот пакет за Македонија во рамките на реформската агенда.

„Дел од разговорите беа и за дополнување на пакетот што е дел од реформската агенда, па очекуваме да добиеме зголемување од 10% на веќе добиените 750 милиони евра“, рече премиерот.

Европските лидери ја потврдија посветеноста на членството на земјите од регионот, но ги повикаа да ги забрзаат реформите и да ги исполнат преземените обврски.

„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето претставува реална можност што треба да се искористи“, се наведува во Декларацијата.

Документот предвидува продолжување на постепената интеграција во единствениот европски пазар, зависно од усогласувањето со европското законодавство и напредокот на секоја земја. Меѓу придобивките се наведуваат побрзи и поевтини плаќања, модернизација на граничните премини, зелени ленти за транспорт и поголема дигитална поврзаност.

Се работи и на проширување на европската зона „Роаминг како дома“ кон Западен Балкан, но во Декларацијата не е наведен датум за укинување на дополнителните трошоци за роаминг.

Посебно е нагласена стратешката важност на Коридорот 8, со повик за забрзување на неговото завршување и навремено користење на европската финансиска поддршка.

ЕУ повторно побара целосно усогласување со нејзината заедничка надворешна и безбедносна политика, вклучително и спроведување на санкциите и спречување на нивното заобиколување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Зошто политичарите ги отвораат вестите, а проблемите на граѓаните остануваат во втор план?

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни