ЕУ бележи зголемување на пријавите за сексуално насилство и силување

Во текот на 2024 година, полициските служби низ Европската унија регистрирале повеќе од 256.000 кривични дела поврзани со сексуално насилство, од кои 38 проценти се однесуваат на силување. Во споредба со 2023 година, бројот на вакви дела се зголемил за пет проценти, додека бројот на силувања пораснал за седум проценти.

Овие податоци на Евростат се објавени веднаш по поддршката на Европскиот парламент за воведување единствена дефиниција за силување, базирана на согласност, позната под слоганот „само да значи да“, пишува Euronews.

Се вчитува...

Најголем број пријавени случаи на сексуално насилство и силување во 2024 година имале Франција, Германија и Шведска, додека на дното се Кипар, Малта и Литванија. Експертите наведуваат дека зголемувањето на полициските пријави може да укажува на поголема општествена свест и подобрени механизми за борба против сексуалната злоупотреба, што ги поттикнува жртвите почесто да ги пријавуваат овие кривични дела.

ЕУ бара единствена дефиниција за силување

Пратениците во Европскиот парламент нагласуваат дека согласноста мора да се проценува во контекст на секоја ситуација, земајќи ги предвид околности како насилство, злоупотреба на моќ, заплашување или ранливост на жртвата. Тие повикуваат и на обезбедување соодветна поддршка и заштита за жртвите низ целата Унија.

Иако ЕУ во 2024 година првпат усвои минимални стандарди за борба против насилството врз жените, предлогот за заедничка дефиниција на силување тогаш бил одбиен поради противење од неколку земји членки.

„Со години повикуваме на заедничка европска дефиниција за силување“, изјави Евин Инцир, шведска европратеничка од групата на социјалисти и демократи. „Сè повеќе влади ја препознаваат потребата од ваков пристап – од 2023 година Франција, Финска, Луксембург и Холандија воведоа закони базирани на согласност. Работите се движат во наша корист.“

Долгорочни трендови

Податоците покажуваат растечки тренд на пријави за силување и сексуално насилство во последната деценија. Помеѓу 2014 и 2024 година, бројот на пријавени кривични дела сексуално насилство се зголемил за 94 проценти, а пријавите за силување за дури 150 проценти.

Во тој период, бројот на пријави на сексуално насилство растел во просек за речиси 10 проценти годишно, а силувањата за седум проценти. Сепак, овој раст делумно се припишува и на поголемата подготвеност на жртвите да пријавуваат злосторства поради зголемена свест и подобра достапност на механизми за пријава.

Латвија размислува за повлекување од Истанбулската конвенција

Европските земји имаат различни правни дефиниции за силување, иако повеќето го следат рамковниот модел на Истанбулската конвенција на Советот на Европа, чија цел е превенција и борба против насилството врз жените и семејното насилство.

Во октомври минатата година, латвискиот парламент изгласал повлекување од договорот поради забелешки од десничарски политичари дека конвенцијата промовира „радикален феминизам заснован на родова идеологија“ и ги загрозува традиционалните семејни вредности.

Сепак, претседателот Едгарс Ринкевичс ставил вето и го вратил законот на повторно разгледување, со образложение дека меѓународните обврски не треба да се менуваат набрзина. Се очекува Латвија повторно да го разгледа прашањето во ноември годинава, по парламентарните избори.

Властите во Рига нагласуваат дека остануваат посветени на заштита на жените и жртвите на семејно насилство, дури и доколку се повлечат од конвенцијата. Парламентот усвоил декларација со која се бара изработка на сеопфатен национален закон за борба против семејното насилство, како алтернатива на конвенцијата.

Како членка на ЕУ, Латвија е обврзана и со директивите на Унијата за борба против насилството врз жените, кои интегрираат многу одредби од Истанбулската конвенција во европското законодавство и мора да бидат спроведени до јуни 2027 година.

Франција го менува законот по случајот Пелико

Истовремено, Франција во октомври 2025 година ратификувала амандман со кој согласноста се вклучува во правната дефиниција за сексуален напад и силување.

Промената следи по судскиот процес во случајот Жизел Пелико од 2024 година, во кој 51 маж беше прогласен за виновен за сексуална злоупотреба или силување додека таа била во несвесна состојба, откако нејзиниот сопруг Доминик со години ја дрогирал.

Пред оваа измена, силувањето или сексуалната злоупотреба во Франција се дефинирале како „секој облик на сексуална пенетрација извршен со употреба на насилство, присила, закана или изненадување“.