Македонија

ЕУ и НАТО перспектива или губење идентитет? Власта и опозицијата и по две години со исти ставови за Преспанскиот договор

На двегодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас кој го стави потписот на договорот од грчка страна на неговиот твитер профил објави фотографија со министерот за надворешни работи Никола Димитров и напиша дека се на вистинската страна на историјата.

„Поминаа две години пријателе. Животот не оправда. Промовиравме соработка и пријателство меѓу нашите луѓе и нашите земји. Ние сме на вистинската страна на историјата. Од затвор историјата ја претворивме во училиште на иднината.“, напиша Коѕијас.

Неговиот статус го сподели министерот Димитров кој со зборовите на Мандела напиша – секогаш изгледа невозможно се додека не се заврши. Докажавме дека дека чудата се возможни и дека на Балканот можеме да решаваме нерешливи спорови на европски начин, напиша Димитров.

Но и по две години по Преспанскиот Договор партиите од власта и опозицијата со различни гледишта за тоа што донесе оваа спогодба за нашата земја. Вредеше потпишувањето на Преспанскиот договор, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој токму овој договор му ја донесе Наградата за човекови права 2020 од Фондацијата Фридрих Еберт за личната посветеност во Договорот од Преспа, како и за неговите напори за европска иднина и слободно општество. Премиерот Оливер Спасовски, рече дека со договорот се отворија перспективите за земјава.

„Со Договорот од Преспа, од тотална изолација на меѓународна сцена направивме пресвртница и ја вративме Северна Македонија на агендата за проширување на Европската унија и добивме членство во НАТО.“, рече Спасовски.

Талат Џафери, собранискиот спикер, кој е од редовите на ДУИ вели дека договорот создаде можност да се надминат разликите и конфликтот меѓу две држави во меѓународните односи што овозможи исполнување на двете стратешки цели НАТО и ЕУ.

„Договор кој што овозможи Република Северна Македонија да ги оствари и двете стратешки цели, сега веќе сме полноправна членка на НАТО, 30-та членка и на прагот фигуративно од утре, односно овие денови се отпочнува и определување конфигурација на отпочнување преговори со Европската унија“, изјави Џафери.

Но, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму останува на својот став дека овој Договор е штетен и дека со него се губи македонскиот идентитет .

„За жал времето покажа дека се она за што предупредувавме се оствари. Распука бетонот за идентитетот гарантиран и излажан од Зоран Заев. Тоа е реалност која што Зоран Заев ни ја наметна, но ние нема да дозволиме жарот за Македонија никогаш да згасне.“, рече Наум Стоилковски.

Преспанскиот договор пред две години беше потпишан од шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција и посредникот за спорот со името Метју Нимиц кај местото Нивици на грчката страна од Преспанското Езеро.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни