Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предизвика возбуда во текот на викендот велејќи дека плановите за распоредување на европски трупи во Украина како дел од постконфликтните безбедносни гаранции се „доста прецизни“. „Имаме јасна мапа на патот и имавме договор во Белата куќа… и работата напредува многу добро“, изјави фон дер Лајен за „Фајненшл тајмс“ во интервју објавено во неделата.
Овие коментари се донекаде изненадувачки, бидејќи деталите за евентуалното распоредување на трупи досега беа сè друго освен јасни. Набрзо следеа реакциите на земјите-членки на ЕУ, вклучително и Германија .
„Ова се работи за кои не се дискутира пред да седнете на преговарачка маса со многу страни, кои имаат право на глас во ова прашање“, рече луто германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Па што точно намераваше фон дер Лајен да сигнализира и дали даде некакви навестувања за претстојните планови?
Сигнал за поддршка
Гунтрам Волф, виш соработник во тинк-тенкот „Бругел“ во Брисел, за „Дојче веле“ изјави дека претседателката на Европската комисија зборувала за време на посетата на земјите од Источна Европа и дека нејзините коментари веројатно имале за цел да ги ублажат загриженостите на тие земји за идна руска инвазија.