Експертски панел на Европската унија препорача ограничување на пристапот до социјалните мрежи за деца помлади од 13 години низ целата Унија. Според предлогот, користењето на платформите би било дозволено само под надзор на родителите или за образовни цели.
Извештајот, кој беше побаран од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше претставен во Брисел во време кога повеќе земји во светот бараат начини за подобра заштита на децата и тинејџерите во дигиталниот простор.
Експертите препорачале децата помлади од две години воопшто да не користат социјални мрежи, додека за оние над 13 години пристапот постепено да се овозможува преку платформи со содржини соодветни за нивната возраст.
„Од 13-годишна возраст, тинејџерите треба постепено да добиваат посамостоен пристап до социјалните мрежи кои се соодветни за нивната возраст“, изјави Јерг Фегерт, коавтор на извештајот и медицински директор на Одделот за детска и адолесцентна психијатрија при Универзитетската болница во Улм.
Неколку земји членки на ЕУ, меѓу кои Шпанија, Грција, Германија и Австрија, веќе разгледуваат воведување законски ограничувања за користење на социјалните мрежи кај малолетници.
Сепак, експертите предупредуваат дека воведувањето старосни ограничувања на платформи како TikTok, Instagram и Snapchat најверојатно ќе бара заедничко европско решение, бидејќи националните закони мора да бидат усогласени со правилата на ЕУ.
Фон дер Лајен во изминатиот период повеќепати изрази загриженост за влијанието на социјалните мрежи врз децата, посочувајќи ја одлуката на Австралија да го ограничи пристапот до социјални мрежи за лица помлади од 16 години како можен пример за следење.
Таа најави дека по летото Брисел ќе претстави законски предлог за дополнителна заштита на младите корисници.
Според Законот за дигитални услуги на ЕУ (DSA), големите интернет платформи веќе имаат обврска да преземаат мерки за заштита на малолетниците. Иако повеќето социјални мрежи имаат минимална возраст од 13 години за отворање профил, експертите сметаат дека постојните правила не се применуваат доволно ефикасно.
Европската комисија неодамна утврди дека компанијата Мета, сопственик на Facebook, Instagram и WhatsApp, ги прекршила правилата од DSA поради дизајнот на платформите кој може да поттикнува зависност и негативни последици кај корисниците, вклучително и кај малолетниците.