Балкан

ЕУ, Светската банка и косовската влада инвестираат во енергетска ефикасност

ЕУ, Светската банка и косовската влада инвестираат во енергетска ефикасност

Благодарение на проектот кофинансиран од Европската унија, Светската банка и владата на Косово и спроведен преку Косовскиот фонд за енергетска ефикасност, енергетската ефикасност на 70 јавни згради во сите косовски општини е подобрена, јави агенцијата КосоваПрес.

Меѓу реновираните згради е и основното училиште „Шабан Шала“ каде повеќе од 1.200 ученици и нивните наставници сега уживаат подобри услови за учење и работа.

Канцеларијата на ЕУ во Косово објави дека инвестицијата во новата термоизолација на училиштето, енергетски ефикасни врати, прозорци и осветлување, како и нов и ефикасен систем за греење, ќе ја намали потрошувачката на енергија за повеќе од 70% и ќе ги намали емисиите на стакленички гасови.

При посетата на училиштето заедно со министерот за економија на Косово Артан Ризваноли, вршителот на должноста директор за Косово на Светска банка Елене Иманазде и директорот на косовскиот фонд за енергетска ефикасност Ахмет Исмаили, раководителот на Одделот за политички, економски и Европска интеграција на ЕУ во Косово Ана Карин Платон рече: „Енергетската ефикасност е камен-темелник на поддршката на Европската унија за енергетскиот сектор во Косово и ЕУ останува посветена на поддршката на Косово на неговиот пат кон зелена транзиција и декарбонизација“.

Досега, Европската унија одвои 13 милиони евра за подобрување на енергетската ефикасност во јавните институции во Косово, при што претстојниот пакет енергетска поддршка на ЕУ за Косово во вредност од 75 милиони евра ќе им помогне на загрозените семејства да ги покријат своите трошоци за енергија, а јавниот и приватниот сектор да продолжи да ја подобрува енергетската ефикасност и да премине на обновливи извори на енергија“, се вели во соопштението за печатот од канцеларијата на ЕУ во Приштина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни