ЕУ усвои голема реформа: Дигитални возачки дозволи и построги правила за прекршоци

Европскиот парламент донесе пакет значајни измени во правилата за возачки дозволи, со кои се воведуваат дигитални документи, построги санкции за сообраќајни прекршоци и промени во возраста за професионални возачи. Целта на реформата е зголемување на безбедноста на патиштата и поедноставување на правилата во сите земји-членки на Европската Унија.

Една од клучните новини е дека забраната за возење изречена во една земја-членка ќе важи на територијата на целата Европска Унија. Со тоа се затвора можноста возачи на кои им е одземена дозволата во една држава да продолжат да возат во друга.

Се вчитува...

Сепак, казните кои не вклучуваат забрана за возење остануваат во надлежност на земјата каде што е направен прекршокот, а предлогот за единствен европски систем на казнени поени не е усвоен.

Реформата доаѓа како одговор на податоците според кои околу 20.000 луѓе годишно го губат животот во сообраќајни несреќи во Европската Унија. Европратениците нагласуваат дека усогласените правила се клучни за намалување на овие бројки.

Голема промена е воведувањето дигитална возачка дозвола, која ќе биде достапна преку мобилен телефон и ќе функционира како електронски документ за идентификација. Иако нејзината целосна примена се очекува до 2030 година, класичната физичка картичка ќе остане достапна по барање на граѓаните.

Новите правила носат и измени за возилата за кампување, при што возачи со категорија Б ќе можат да управуваат со возила до 4,25 тони, но со дополнителна обука или испит.

Во транспортниот сектор се воведуваат и промени во старосната граница за професионални возачи. Возачи на камиони ќе можат да започнат со работа на 18 години, наместо досегашните 21, додека за автобуси границата се намалува на 21 година.

Сите нови возачи ќе минуваат двегодишен пробен период, а се воведува и можност 17-годишници да возат под надзор. Пред полагање на возачки испит ќе биде задолжителен медицински преглед или самооценување.

Не беше усвоен предлогот за задолжителни редовни медицински контроли за постари возачи, поради противење на дел од земјите-членки. Возачките дозволи ќе важат 15 години, по што државите ќе можат, но не се обврзани, да бараат нов преглед.

Иако реформата е веќе политички усогласена, земјите-членки имаат рок од три години за усогласување на националното законодавство, со дополнителна транзициска година. Целосната примена на клучните мерки се очекува меѓу 2028 и 2030 година.

Со ова, Европската Унија започнува една од најголемите реформи во областа на сообраќајните правила во последните децении, со цел побезбедни патишта и поедноставени процедури за милиони возачи.